На 25 и 26 септември во хотелот Александар Палас во Скопје, се одржа третото издание на најголемиот бизнис настан за деловно вмрежување во Македонија – Macedonia Manufacturing Expo 2019, повторно во организација на Асоцијацијата на метална и електро индустрија МАМЕИ, заедно со Проектот на USAID за развој на деловниот екосистем и Делегацијата на германско стопанство и индустрија во Република Северна Македонија АХК.

Настанот, кој за првпат оваа година беше дводневен, се состоеше од три делови. Делот за директно деловно вмрежување на компаниидобавувачи и компании-купувачи од лесно преработувачките индустрии низ низа на претходно-договорени business-to-business состаноци, веќе најпрепознатливата активност на МАМЕИ, беше дополнет со широка едукативна програма од панели и дискусии, како и за првпат оваа година, индустриски саем на компании.

На директните бизнис состаноци ова година земаа учество дури 35 компании-купувачи и 81 компанија-добавувачи од 13 различни држави, остварувајќи над 400 претходно договорени средби и над 150 средби на лице место. Постојаниот раст, од година за година на најголемиот настан за деловно вмрежување претставува особена гордост за Асоцијацијата на метална и електро индустрија МАМЕИ и овие бројки очекуваме повторно да ги надминеме со Macedonia Manufacturing Expo 2020.

За време на конференцијата, беа одржани вкупно 8 едукативни панели и дискусии на различни теми со околу 30 говорници и панелисти, на повеќе теми и тоа – начини на финансирање на македонските иновативни индустрии, напредоците во имплементацијата на дуалното стручно образование (во организација на Делегацијата на германско стопанство и индустрија во Република Северна Македонија АХК), логистика и транспорт за преработувачките индустрии, маркетинг за извозно-ориентираните индустрии, премостувањето на јазот помеѓу мултинационалните и домашните претпријатија (во организација на Центарот за управување со промени ЦУП), пристап до глобалните добавувачки ланци (во организација на германската Асоцијација за менаџирање, набавување и логистика и ланци на добавување BME), Lean manufacturing (во организација на Европската банка за обнова и развој EBRD) и претстојната рецесија во автомобилската индустрија.

Индустрискиот саем кој беше отворен за време на целиот настан се состоеше од вкупно 22 штандови, на кои се претставија вкупно 30 компании од повеќе држави. За време на двата дена, конференцијата и саемот го посетија над 600 гости.

Close Menu